Културна установа Блесок • Основана во 1998 г.
Ново од Блесок

уметноста е внатре

ISSN 1409-6900 | UDK 82+7     Блесок бр. 111 | година  | јануари, 2017



[размена]



SLOVOKULT.DE
KRUG
BALKANI
OKF







                     Рецензирано списание
Блесок бр. 111јануари, 2017
Галерија Осврти

Совршен поет

/1
стр. 1
Елизабета Баковска

_______________________________________________________________________

Совршен поет

Изложбата под наслов „Совршен поет“ не е класична изложба на фотографии која треба да ни го прикаже светогледот на фотографот, моментите од неговиот живот и опкружување кои тој успеал да ги чкрапне со окото на својот фото-апарат. Тринаесетте фотографии изложени овде се фотографско исчитување на еден поетски опус сублимиран во единаесет песни. Затоа и оваа изложба е фотографско-поетски дијалог меѓу фото-апаратот на Сашо Димоски и перото на Игор Исаковски, простор во кој сликата се среќава со зборот, простор во кој тие се допираат и се тријат едно од друго, па од овие допири и триења излегуваат нови – и сликата и зборот.
    Со внимателното заслушување и загледување во овој дијалог, може да се заклучи дека неговата тема-водилка не е насловот на изложбата – „совршен поет“, синтагма иронизирана и со песната која завршува токму со овој стих („Додека мочав во домашниот тоалет“), и со фотографијата на искршената тоалетна шолја оставена на јавно место и потоната во длабока сенка. Суштинските прашања кои двајцава автори ги отвораат се во жолтиот камион обраснат со трева и во стиховите на песната „Повторно си сам на барикадите, Јан Палах“, во резигнираноста на осаменичкиот заклучок кој обајцата го споделуваат, а Игор го стегнува во стиховите: „нè има / сè помалку. Вакви будали / кои веруваат и дишат вистина“. Оваа осаменост е онаа на авторот кој отсекогаш и единствено го живеел своето дело поттикнат од минливоста, но речиси за инает на смртта, истовремено препознавајќи ја и поминувајќи покрај неа, како жената со дете в раце на триесет години старата фотографија до песната „На гробиштата“.
    Оваа творечка осама трепери во црно-белата меланхоличност на фотографиите на Сашо и песните на Игор. Таа е сеприсутна – де во блиската мирнотија на сликите (гробовите до песната „Јас не знам кој од нас двајца е пожив“), де во далечното зимско сонце некаде на четвртиот план на фотографијата до кусата песна „Не мириса на зима“. Мртвата птица, расчекореното куче, пеглањето, мочањето, пишувањето, со сето ова обајцата го констатираат и го нотираат светот околу себе, а сепак се одделуваат од неговите (за нив најчесто толку инспиративни) баналности. „Плачеме спокојно / заради плачот во нас / а не заради насловните страници“ – вели Игор, додека Сашо со нежна сина го нијансира неговиот единствен портрет на оваа изложба, а со црвенкаво-кафена дождот, денеска, дождот кој врне „врз градот како врз циркуски шатор“…






Изданијата на „Блесок“ од број 01 до број 93 се достапни и на веб сајтот на CEEOL.

Со купување на некој од нашите наслови, директно ги помагате нашите активности. Ви благодариме!



50%


СЛЕДЕТЕ НÈ:
посетете нè на Facebook следете нè на Twitter следете нè на Google+